Top Sport

Стрелецот на контроверзниот пенал вели: ВАР не е фудбал (видео)

Играчот од средниот ред на Мајнц, Аргентинецот Пабло де Бласис во понеделникот го постигна голот од пенал по бизарните случувања на полувремето против Фрајбург, по што денеска јасно кажува: „ВАР не е фудбал“ бидејќи играчите ги губат емоциите.

Судијата Гвидо Винкман мораше да ги враќа фудбалерите на двата клуба од соблекувалната, откако по консултацијата со ВАР се воочи дека еден играч на Фрајбург играл со рака во шестнаесетникот.

Де Бласис го постигна голот од пенал, вторпат оваа сезона да постигнува гол од пенал досуден по видео-снимките, но вели дека тоа не му се допаѓа.

„Јас го сакам стариот фудбал, со повеќе емоции, без судијата да застанува да прегледува видео-снимки. Нормално, играчите на Фрајбург беа лути. Не сфаќаа зошто судијата реши толку доцна да го прегледува видеото, но правилата се правила. Чудно беше што судијата ми кажа дека кога ќе шутнам полувремето е завршено. Имаше само една шанса“, вели 30-годишниот Де Бласис.

Тој потоа додаде уште еден гол за Мајнц да победи со 2:0 и да излезе од зоната за испаѓање со ист број на поени со Фрајбург, но со подобра гол-разлика.

Фото: ЕПА

Неверојатен меч во Германија – ВАР додели пенал откако играчите заминаа на одмор (видео)

Scroll to Top