Барселона стигна до 3:0 победа над Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ во реваншот од полуфиналето на Копа дел реј и ќе оди на одбрана на титулата, откако првиот меч во Каталонија заврши 1:1.
Реал ја имаше теренската предност во текот на целиот меч, предводени од Винисиус Жуниор, откако бразилскиот тинејџер имаше пет удари на голот само во првото полувреме, но на крајот „кралевите“ беа казнети во второто полувреме за сите пропуштени шанси.
Луис Суарез, кого го „немаше“ во првото полувреме, во 50. минута доби одлична топка од Усман Дембеле и успеа да го совлада Тибо Куртоа. Реал продолжи со притисокот и потоа, меѓутоа работите тргнаа наопаку откако во 69. минута Рафаел Варан ја смести топката во својата мрежа по уште едно нафрлање на Дембеле, кој беше најдобриот фудбалер на „Блауграна“.
Во 79. минута, „сол на раната“ – Барселона добива пенал откако Касемиро го собори Суарез во шестнаесетникот и потоа Уругваецот беше сигурен од белата точка.
Реал може да жали за пропуштената шанса, а со предноста која Барселона ја има и во Ла лига, многу е веројатно лутите ривали да се крунисаат за двојни шампиони, додека за „кралевите“ останува само Лигата на шампионите.
Фото: ЕПА