Луис Суарез под чудни околности ја напушти Барселона. Од него се откажа тренерот Роналд Куман, тој кариерата реши да ја продолжи во Атлетико. Уругваецот минатата сезона го предводеше клубот со 21 гол, до титулата во Шпанија.
Пред три недели, Суарез, му се одмазди на Куман. Асистираше и постигна гол во триумфот на Атлетико над Барселона 2:0. Додека го прославуваше голот, погледна кон делот од трибините каде што беше Куман гестикулирајќи телефонски разговор.
Суарез неколку пати повторил дека Куман со еден разговор од 54 секунди го отпишал од Барселона.
„Жал ми е што на таков начин заминав од Барселона. Секој ден напорно работев и тренирав, станав трет стрелец во историјата на клубот. Отворено требаа да ми кажат намерите и претседателот и тренерот. Јас една недела читав по медиумите дека ќе ја напуштам Барселона. Дури потоа ми се јави Куман и му кажа: „Слушај не си во моите планови“. Тоа е непримерно“, рекол Суарез и открил дека неколку дена подоцна имал уште еден телефонски разговор со Куман.
Тренерот му се јавил да му каже дека смета на него за натпреварот со Виљареал.
„Решив да го раскинам договорот со Барселона. Не ме сакаа во клубот. Се беше подготвено за раскин на договорот кога ми се јави Куман. Ми кажа дека смета на мене за дуелот со Виљареал, доколку претседателот не донесе одлука дека не ме сака во клубот. Го прашав како е можно да смета на мене на тој натпревар и во исто време не сум во неговите планови. Знаете што ми одговори: „Па не си ми во плановите, но сметам на тебе“. Тоа е смешно“, рекол уругвајскиот напаѓач.
Луис Суарез наскоро ќе наполни 35 години, неговиот договор со Атлетико истекува по завршувањето на сезоната.