Фудбалерите на Барселона со триумф кај Виљареал (2:0) ја затворија неделната програма во 15.коло во Ла Лига.
Лидерот во шпанскиот шампионат долго се мачеше против „жолтата подморница“, но трпеливата игра им се исплатеше и на крајот забележа важен триумф, со кој е прекината серијата од две средби на кои освојуваше само по еден бод.
Барселона при резултат 0:0 имаше две добри шанси, Пике во првото полувреме ја погоди гредата, Луис Суарез во вториот дел биеше во дирекот. Свои шанси имаше и Меси, еден негов удар одбрани голманот Асенхо, а два пти Аргентинецот биеше крај голот.
Работата на Барселона и ја олесни младиот напаѓач на Виљареал Раба, кој во 68.минута доби директен црвен картон. Пет минути подоцна Луис Суарез со гол ја заврши акцијата во која учествуваа уште Алба, Меси и Алкасер.
Десет минути подоцна Меси стави точка на натпреварот. Аргентинецот ја казни конфузијата во одбранат на Виљареал. Меси го постигна својот 14.гол во првенството.
Со оваа победа Барселона стигна до 39 бода, пет повеќе од Валенсија, шест од Атлетико Мадрид и осум од Реал.