Top Sport

О’Саливен со супер-победа се израмни со Стив Дејвис (видео)

Рони О’Саливен се израмни со Стив Дејвис со шестата титула од УК шампионатот по сензационалната 10:5 победа над Шон Марфи.

Пред финалната сесија, двајцата играчи беа израмнети на 4:4, и Марфи почна одлично со долг удар на црвена топка, меѓутоа кога дојде редот на О’Саливен да застане на снукер-масата, тој брилјираше и го освои фрејмот. Марфи врати во следниот фрејм, но по неколку грешки О’Саливен со „сенчури“  и со брејк од над 70 поведе со 7:5. По последниот мини-интервал, О’Саливен со третиот „сенчури“ доби уште еден поен, за да ги добие и следните два фрејма за импресивна победа.

Покрај шестата титула од „Барбикан“ во Јорк, 42-годишниот О’Саливен исто така се израмни и со Стивен Хендри со 18 „тројни круни“, односно трофеи од Светското првенство, УК шампионатот и Мастерсот, а за награда доби 170.000 фунти. Ова е 31. ранкинг титула за „Ракетата“, со што е само на пет од вечниот рекорд на Хендри.

Ова е трета ранкинг титула во седум недели за О’Саливен по победите на Англискиот опен во октомври и Мастерсот во Шангај во ноември.

Scroll to Top