Луис Суарез, пред две години буквално беше избркан од Барселона, клуб чии дрес го носеше од 2014 година. За шест сезони Уругваецот се стекна со статус на клупска легенда.
Речиси две години по заминувањето од Камп Ноу, Суарез рече дека овој потег имал влијание врз неговата кариера. Уругваецот откри и каква порака добил од челниците на Блауграна, кога му било кажано дека треба да го напушти клубот.
„Моето заминување од Барселона ми ја одбележа кариерата и ме натера да продолжам да се докажувам. Ми рекоа дека не сум на потребното ниво за да продолжам во Барса. Бев фрустриран, но потоа реков: „Морам да продолжам да ја докажувам мојата вредност“, изјави Суарез за „Барса универзал“.
Уругваецот дефинитивно на најдобар можен начин им одговори на Каталонците, кој веднаш со Атлетико Мадрид ја освои титулата на Шпанија. Тој беше клучен играч на „јорганџиите“, постигна 21 гол во Ла Лига.
Но, исклучителната форма од минатата сезона не продолжи оваа година.
Сега се чини дека Диего Симеоне решил да се ослободи од Луис Суарез, а фудбалерот добил неколку понуди од Јужна Америка и Саудиска Арабија, но тој ги одбил.
Се споменува дека за неговите услуги е заинтересирана Астон Вила, а најмногу Стивен Џерард, тренерот на овој клуб, пренесуваат медиумите на Островот.
Суарез и Џерард беа колеги во Ливерпул, а оттаму постои многу добар однос меѓу двајцата што би го олеснил трансферот на напаѓачот во Астон Вила.