Антоан Гризман не крие дека е почитувач на уругвајската култура, но неговиот ривал, напаѓачот на Барселона, Луис Суарез го потсети дека тој е „само“ Французин пред четврт-финалната пресметка на двете држави на Мундијалот во Русија.
Гризман е добар пријател со уругвајскиот дефанзивец Диего Годин, со кого го дели „фудбалскиот леб“ во Атлетико Мадрид, и минатата година беше фотографиран со уругвајски дрес и со националниот пијалок на оваа мала држава, мате во рацете. Тој дури се шегуваше дека е „полу-Уругваец“.
Суарез, не ја „купува“ оваа приказна.
„Антоан вели дека е полу-Уругваец, но останува фактот дека тој е само Французин и дека не знае што значи да се чувствуваш како Уругваец. Тој не знае кои сме ние, и што мораме да направиме за да бидеме успешни во фудбалот. Тој можеби ужива во нашите обичаи и знае да го зборува јазикот, но чувствата се нешто сосема друго“, изјави „ладно“ Суарез.