Top Sport

Надал не му даде да „дише“ на Дуди Села

Рафаел Надал експресно влезе во второто коло на Вимблдон, откако за час и 52 минути со 6:3/6:3/6:2 го „збриша“ Израелецот Дуди Села покажувајќи дека добро се одморил по освојувањето на трофејот од Ролан Гарос.

Ова е 31. победа во 33 меча за светскиот рекет број 1 Надал оваа година и 238. победа на гренд слем турнирите во кариерата. Села го даде својот максимум, но направи само еден брејк, додека Надал имаше пет брејка од 13 шанси. Надал имаше 74 отсто на поени на свој сервис.

Во второто коло е и младиот Германец, Александер Зверев, откако со 7:5/6:2/6:0 му одржа лекција по модерен тенис на светскиот тенисер број 748., Џејмс Дакворт, како и Ник Кирјос, кој се намачи против Денис Истомин пред да победи со 7:6(3)/7:6(4)/6:7(5)/6:3.

Шпанскиот ветеран Фернандо Вердаско немаше сили за подвиг, откако со 7:6/7:6/3:6/6:3 загуби од новата надеж на американскиот тенис, Френсис Тиафоу.

Сонародничката на Надал, актуелната шампионка, Гарбиње Мугуруза со победа ја почна одбраната откако со 6:2/7:5 ја победи Британката Наоми Бројди, спасувајќи ја единствената брејк-топка со која се соочи.

„Среќна сум од сервисот и од тоа како ги контролирав емоциите. Знаете, кога се враќате на гренд слем на кој сте победиле, многу е тешко да го пронајдете ритамот“, вели Мугуруза, која е шампионка и од Ролан Гарос од 2016 година.

Следна а Мугуруза е Белгијката Алисон ван Ујтванк.

Фото: ЕПА

Scroll to Top