Даниел Субашиќ беше неверојатниот херој на хрватската репрезентација во пенал-лудилото против Данска, откако успеа да одбрани три пенали за да ги однесе „коцкестите“ на пресметка со домаќинот Русија во четврт-финалето на Мундијалот.
Како и по секоја победа, хрватскиот голман го соблече дресот и ја покажа маичката која ја носи на секој меч, со ликот на својот починат пријател и соиграч, Хрвоје Ќустиќ.
Ќустиќ животот го загуби на 29 март 2008 година, во натпревар на клубот на Субашиќ и Ќустиќ, Задар против Цибалија. По судир со противнички фудбалер, Ќустиќ удри со глава во ѕид покрај теренот и почина пет дена подоцна. Тој имаше само 24 години.
Субашиќ беше скромен по пенал-серијата.
„Што да кажам, добро е поминавме. Пеналите се лотарија, а овојпат среќата беше на наша страна. Среќен сум што придонесов на мојата репрезентација и мојот народ“, изјави Субашиќ по победата.
Иван Ракитиќ, кој го постигна победничкиот пенал, вели дека голманот на Монако е вистинскиот херој.
„Бог ни врати! Субашиќ имаше толку многу сила во себе што одбрани три пенали за да го донесе ова за нашата репрезентација. Уште една луда ноќ“, изјави Ракитиќ.
Фото: ЕПА