Top Sport

Сунес одбил да го донесе Ерик Кантона во Ливерпул!

Кантона се испокара со сите во Франција, а по дуелот на Оксер со Ливерпул во 1991 година Мишел Платини, тогаш француски селектор, го известил Сунес дека сака да му најде вистинско место на Кантона да го покаже талентот.

На крајот, Лидс го купи напаѓачот во јануари 1992 година по тестирањето во Шефилд венсдеј. Таму Кантона помина 12 месеци, пред да направи трансфер во Јунајтед, каде што имаше пет блескави сезони помагајќи му на тимот на Сер Алекс Фергусон да стане доминантна сила во англискиот фудбал.

Шкотланѓанецот Сунес признава дека можел да го спречи тоа.

„Бев менаџер на Ливерпул и игравме со Оксер во Купот на куп победници и загубивме 2:0 таму, пред да ги победиме со 3:0 дома. По мечот, Тери Литлвуд, кој беше одговорен за удобноста на фудбалерите, затропа на мојата врата и ми кажа дека надвор имам стар пријател кој сака да зборува со мене. Тоа беше Мишел Платини, кој искрено не ми беше пријател, бидејќи единствено се среќававме кога игравме заедно во Италија. Тој ми кажа дека има фудбалер во Франција, кој е проблем таму, но има огромен талент и би бил совршен за мене. Му кажав: ’Мишел, тука и сега се борам со пожари, се обидувам да избркам некои луѓе и најмалку од сè ми треба нов контроверзен фудбалер’. Ерик дојде во Шефилд, па потпиша со Лидс и другото е историја. Кога отиде во Јунајтед, тие имаа млад тим и им беше потребен таков човек како пример“, вели Сунес за „Скај спортс“.

Кантона на крајот имаше 185 настапи за Јунајтед, освојувајќи четири титули од Премиер лигата и два од ФА купот.

Scroll to Top