Top Sport

Сунес: Венгер не може да се „мери“ со легендите на Јунајтед и Ливерпул

По веста дека Арсен Венгер по 22 години заминува од Арсенал, многумина застанаа во ред да ги пофалат успесите на францускиот стратег, меѓутоа легендата на Ливерпул, Греем Сунес не мисли така, посочувајќи дека тој морал да направи повеќе додека бил на чело на клубот од Лондон.

Последните години на „владеењето“ на Венгер беа одбележани со неофицијалното движење на навивачите „Венгер аут“, кои сметаа дека неговото време одамна завршило, а со нив се согласува и Сунес во својата колумна за „Сандеј тајмс“.

Сунес вели дека втората деценија на владеењето на Венгер не била најдобра, и дека тој не треба да се споредува со легендарните тренери како Сер Алекс Фергусон во Манчестер јунајтед и Боб Пејзли во Ливерпул.

„Слушам го споредуваат Арсен со Ферги, но тоа не е вистинска споредба ако се гледа како се градеа големите клубови и кои трофеи ги освоија. Венгер имаше неколку добри тимови, но Ферги имаше многу повеќе и освои 13 титули во Англија и две во Лигата на шампионите, заедно со 5 ФА купа и 4 Лига купови. Боб Пејзли, кој ме донесе во Ливерпул, имаше шест титули во лигата, три во Европа и три во Лига купот во девет години на ’Енфилд’. Затоа тие споредби се непотребни. Венгер мораше да освои повеќе“, пишува Сунес.

Scroll to Top