Top Sport

Супер-сабота! Четири мундијалски меча, стартуваат Французите и Аргентинците

Ако уште не ве фатило „мундијалско фудбалско лудило“, денеска е совршен ден за тоа – на програмата има четири меча и практично цела сабота можете да ја поминете во гледање на врвен фудбал.

Програмата започнува на пладне, со првиот меч на Франција на Мундијалот против незгодниот тим на Австралија, меч во кој тимот на Дидие Дешам ќе треба да ги тргне сите сомнежи во својот состав и да потврди дека е еден од фаворитите за титулата. Дешам нема поголеми проблеми со повредите, освен повредата на коленото на бекот Џибрил Сидибе, додека уште постои дилема со кого ќе тргне во нападот – Оливие Жиру, Килијан Мбапе, Усман Дембеле и Антоан Гризман.

Талентот кој го поседуваат „триколорите“ е несомнен, но последниот тест со САД помина само со тешко 1:1 реми, а Австралија ќе биде потежок противник. Тука е и сенката на последните два Мундијали кои стартуваа со пораз по што сите шанси за добар резултат беа минато.

Во 15 часот, уште еден тест, овојпат за Лионел Меси и Аргентина против најмалата нација на еден Мундијал, Исланд. Ситуација во која „сите“ велат дека на Меси му е потребна титула од Светското првенство за да биде најдобриот на сите времиња, а во која сите на Исланд се пресреќни што првпат се на еден Мундијал.

Подготовките за Аргентина не беа најдобри. Прво тука беа маките околу квалификациите, кои ги обезбеди токму Меси со хет-трик за победа над Еквадор во последното коло, а потоа дојде и неверојатниот 6:1 пораз од Шпаниај во пријателски меч. Сѐ освен убедлива победа над „рибарите“ ќе биде протолкувана како слаб старт на „албичелесте“.

Во 18 часот, уште една јужноамериканска репрезентација ќе стартува со Мундијалот. Перу е првпат на еден Мундијал од далечната 1982 година, и секако ќе бидат охрабрени од враќањето на нивниот капитен Паоло Гереро во тимот по долгата легална битка за настап по позитивниот тест на кокаин. Нападот на Перу го предводат 34-годишниот Гереро и 33-годишниот Џеферсон Фарфан, и фановите ќе очекуваат победа.

Франција е апсолутен фаворит во групата Ц, така што пресметката може да одреди кој ќе биде вториот патник во осминафиналето. Данска, пак е на „грбот“ на ѕвездата на Тотенхем, Кристијан Ериксен, кој постигна 11 голови во квалификациите, како и хет-трик во 5:1 победата над Република Ирска во ноември во баражот за ЕП.

На крајот на програмата во 21 часот во енклавата Калининград, стартуваат Хрватите со дуел со Нигерија, кој може да го одлучи патникот во осминафиналето во тешката група Д (каде што се и Аргентина и Исланд).

Хрватите досега само еднаш играле против африканска репрезентација на Мундијалите, во Бразил во 2014, кога постигнаа 4:0 победа над Камерун.

ДЕНЕСКА НА МУНДИЈАЛОТ

12.00, Казан, ФРАНЦИЈА – АВСТРАЛИЈА

15.00, Москва, АРГЕНТИНА – ИСЛАНД

18.00, Саранск, ПЕРУ – ДАНСКА

21.00, Калининград, ХРВАТСКА – НИГЕРИЈА

Scroll to Top