Голманот на Ростов 17 годишниот Денис Попов е тема на денот во светските медиуми. Тинејџерот бранеше голот на Ростов во Сочи, прими десет гола, но имаше и 15 одбрани што е нов рекорд во премиерлигата на Русија.
Ростов се бори за пласман во Лигата на шампионите меѓутоа против Сочи, екипа која се бори за опстанок, мораше да игра со У-18 тимот. Шестмина играчи на Ростов беа позитивни на коронавирусот поради што целиот тим и струшниот штаб мораа да бидат во карантин.
Иронијата е што челниците на Премиерлигата на Русија не дозволија натпреварот да биде одложен.
Сениорите на Сочи тоа го искористија и забележаа важна победа во борбата за опстанок. Постигнаа 10 гола, меѓутоа шоуто го украде 17 годишниот голман Попов.
„Ја одбија нашата молба мечот да биде одложен. Поради тоа играа овие момчиња на возраст помеѓу 16 и 19 години. Резултатот е вознемирувачки, но сакаме да ги истакнеме и светлите примери. Пред сите нашиот 17 годишен голман Денис Попов кој имаше 15 одбрани, вклучувајќи и пенал, што е нов рекорд во Премиерлигата. Денис го украде шоуто и заслужено ја доби наградата за играч на натпреварот“, соопшти ФК Ростов.