ФИФА по урнекот на Лигата на нации на УЕФА планира да оформи свое натпреварување, а натпреварите би се играле во репрезентативните термини. Како што се наведува, новото натпреварување Светска лига на ФИФА би траело во текот на целата година, а репрезентациите би биле поделени во три дивизии.
Изминатите години пријателските натпревари станаа бесмислени бидејќи календарот е пренатрупан со клупските натпревари, поради што најдобрите играчи речиси редовно ги пропуштаат ваквите натпревари.
Оваа акција на ФИФА доаѓа неколку месеци откако УЕФА ја оформи Лигата на нации, која ќе ги замени пријателските натпревари во Европа, а напоредно ќе ова натпреварување ќе биде и квалификациско за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Откако УЕФА го објави својот проект, на адреса на ФИФА стигнаа поплаки од Јужна Америка, најмногу од Бразил и Аргентина, кои немаат квалитетни опции за своите подготвителни натпревари, односно „осудени“ се редовно да играат против неатрактивни противници од Северна и Средна Америка, односно од Азија, Океанија и Африка.
Светската лига на ФИФА официјално како натпреварување би требало да биде воведена во 2019. Во лигата би учествувале репрезентации од сите континенти, а би биле избрани според пласманот на ранг-листата на ФИФА.