Top Sport

Светско првенство на непризнаени држави и региони ќе се игра во Скопје!?

Скопје наредната година ќе биде домаќин на Светското првенство на непризнаени држави и региони. Ова на својата интернет страница го најави Конфедерацијата на независните фудбалски асоцијации (КОНИФА).

На ваквите СП учествуваат репрезентациите на држави и региони што не се признаени од Обединетите нации, ФИФА и УЕФА. На интернет страницата на КОНИФА пишува дека натпреварите ќе се играат на Националната арена „Тодор Проески“ од 30 мај до 7 јуни.

Она што е интересно е што никој во Скопје не знае дека ваков настан ќе се организира во нашата држава, бидејќи во информацијата што КОНИФА ја објавија на социјалните медиуми пишува дека претседателот на КОНИФА Азија, Јенс Јокел го посетил Скопје и ги разгледал капацитетите со кои располага македонската престолнина.

„Скопје има неколку прекрасни капацитети и ќе ги пречека учесниците со познатото македонско гостопримство. Доколку порано не сте ја поврзале Македонија со фудбалот, тогаш тоа ќе го направите со Светскиот куп 2020! Со нетрпение очекуваме да ги донесеме луѓето во земјата и да ги поздравиме посетителите од целиот свет кои ќе имаат можност да уживаат во овој фантастичен турнир“, рекол Јокел.

Инаку во КОНИФА членуваат 56 фудбалски асоцијации на непризнанени држави и региони, меѓу кои се Крим, Абхазија, Тибет, Квебек, Монако, Хаваи, Јужна Осетија, Западна Сахара…

Светските првенства се одржуваат на секој две години. На поседното СП титулата ја освоиле играчите на Караптија. Во финалето го победиле Северен Кипар.

Scroll to Top