Англискиот навивач Гас Хали имаше совршена подготовка за Светското првенство во Русија, собирајќи пиво од сите 32 земји учеснички на Мундијалот.
Комбинираната љубов кон фудбалот и пивото го натера Хали на турнеја низ Лондон, Париз и Барселона во обид да ги собере пивата од сите нации, од релативно лесните пива од Германија, Бразил, Русија и Шпанија до ретките пива од Уругвај, Иран и Саудиска Арабија, каде што официјално алкохолот е забранет.
„Моите пријатели и семејството сметаа дека сум помалку луд, дека џабе трошам пари, но се работи за Светско првенство и за пиво, две работи кои ме возбудуваат“, вели Хали за „Дејли мирор“ откривајќи дека потрошил околу 500 фунти на пивото.
31-годишниот Англичанец исто така признава дека ги следел квалификациите за да знае кои пива да ги „брка“.
„Сакав Холандија, Италија и САД да се квалификуваат, не само поради фудбалот туку поради квалитетното пиво. Но ,влезе Панама и тоа беше навистина тешко да се оствари“, вели Хали, кој го решил ова благодарение на пријател кој патувал низ Централна Америка и му обезбедил „Панама лагер“ од Панама и „Империјал“ од Костарика.