Top Sport

Свирежи до Хендерсон, Саутгејт: Каде оди ова?

Герет Саутгејт, селекторот на Англија, изјави дека не ги разбира свирежите на навивачите упатени кон капитенот Џордан Хендерсон за време на натпреварот против Австралија, кој европскиот вицешампион го доби со 1:0.

Хендерсон беше исвиркан кога ја напушта играта во 63. минута. Саутгејт беше разочаран од однесувањето на дел од навивачите.

„Навистина не разбирам. Џордан е фудбалер со 79 натпревари за Англија, неговата посветеност и она што го донесе во репрезентацијата е исклучителна. Неговата улога на теренот и надвор од него е неверојатно важна. Тој зеде млади играчи како Белингем под своја закрила. Тој е пример за овој тим во секоја смисла и заслужува поддршка. Навистина не знам каде оди ова. За мене не е разумно да се омалуважува играч кој го дава срцето и душата за Англија. Како тоа ќе му помогне нему или на тимот?“, јавно праша Саутгејт.

Англиските медиуми тврдат дека некои навивачи го исвиркувале Хендерсон затоа што решил да замине во Саудиска Арабија каде игра за Ал Етифак.

Некои навивачи сметаат дека поранешниот капитен на Ливерпул згазил се за што се залагал претходно со тоа што отишол во Саудиска Арабија и ја поддржал како земја кандидат за домаќин на Светското првенство во 2034 година.

Хендерсон заработува 40 милиони евра по сезона во Ал Етифак, а неговиот договор е до јуни 2026 година.

Scroll to Top