Top Sport

Така се гради тим – Остерсундс од четврта лига до нокаут фаза во ЛЕ

Остерсундс го совлада украинскиот претставник Зорја со 2:0 за неверојатниот шведски тим да се пласира во нокаут фазата на Лигата Европа првпат во историјата.

Англискиот играч од средниот ред Кертис Едвардс во 40. минута го погоди дефанзивецот на Зорја, Дмитро Гречишкин за водство од 1:0, пред Иранецот роден во Шведска, Саман Годос со гол од далечина во 78. минута да го постави конечниот резултат на „Јамткрафт арената“.

Со победата, и со 3:2 триумфот на Атлетик Билбао над Херта Берлин, Остерсундс има 10 поени на првото место во групата, пред Билбао со 8, Зорја со 6 и Херта со 4.

Со ова се комплетира неверојатната приказна на тимот кој уште во 2011 година играше во шведската четврта лига, а сега имаат три победи во својот прв европски пласман.

Изненадувачки, тренер на Остерсунд е Англиченц – поранешниот бек на Стоук и Бирмингем сити, Греем Потер, кој од декември 2010 е на клупата на шведскиот клуб, предводејќи ги до три влегувања во подобра лига и до пласман во европските купови.

Во 2010 година тимот испадна во четвртата шведска лига и претседателот на клубот Даниел Киндберг вели дека му било тешко да остане на врвот.

„Се собравме шест-седум луѓе кои си поставивме искрени прашања. Зошто го правиме ова? Зошто сме во клубот? Работиме бесплатно. Што се нашите амбиции? И тогаш сфативме – амбицијата е да се биде дел од елитниот фудбал и да се играат европски натпревари. Мислеа дека сме луди. Можеби и бевме.  Тогаш му се јавив на Греем Џонс, мојот пријател, тогаш помошник на Роберто Мартинез во Свонси и му побарав совет за менаџер. Тој ми го препорача Потер. И не згреши“, вели Киндер.

Потер признава дека не било лесно да се одлучи да оди да тренира тим од четврта шведска лига на -25 степени.

„Првите две години беше тешко да привлечеме фанови од југот на Шведска, бидејќи тука немаше историја, немаше традиција, немаше фудбалска култура. Затоа моравме да изградиме идентитет, фудбалски стил кој не се вклопуваше во традиционалната шведска култура. Сакавме играчи со идентитет, со кариера пред нив. Потоа моравме да ги ’кренеме’ гледачите. Имавме 500-600 луѓе на натпревар, од кои повеќето сакаа да загубиме. Сега имаме просек од 6.000 луѓе и вистинско фудбалско чувство“, вели Потер.

На патот до Лигата на Европа, Остерсундс го шокираше Галатасарај, а сепак денеска, неколку часа пред стартот на мечот, тимот јавно побара од навивачите да помогнат и да го исчистат снегот од трибините!

Дефинитивно би можеле нешто да научиме од односот кон клубот што го сакаме и кон фудбалот од приказната на Остерсундс, тим формиран во 1996 година.



Scroll to Top