Јирген Клоп и Зинедин Зидан претставуваат две многу различни школи на фудбалска тактика, но токму затоа многумина очекуваат судирот на Ливерпул и Реал Мадрид да донесе фудбал за историја.
Зидан беше еден од најталентираните фудбалери кои светот имаше чест да ги види, освојувајќи низа најголеми трофеи во спортот (ЛШ, Мундијал, Европско првенство), додека Клоп беше фудбалер кој почна да игра на крилото, но како што течеше времето стана дефанзивец и во поголемиот дел од кариерата се бореше неговиот Мајнц да не испадне во втората Бундеслига.
Сепак, Клоп во Мајнц учеше од неговиот ментор Волфганг Франк, кој пак беше опседнат со италијанскиот фудбалски маг Ариго Саки. Од него, Германецот ја наследи вербата дека тактичката подготвеност заедно со колективниот дух може некогаш да биде поважен од талентот на теренот.
Во германски услови, ова беше фудбалска револуција, и Клоп тоа го покажа преку успесите со Борусија Дортмунд.
„Мојот идол е Волфганг Франк. Тој донесе 4-4-2 систем. Одбрана на просторот. Користам многу работи кои ги научив од него“, вели Клоп, посочувајќи дека Франк го нарекол тој систем „софистициран училишен фудбал“.
Таткичката поткованост на Зидан е малку поинаква. Тоа е тренер кој има неверојатен инстинкт за тоа што во одреден момент е потребно да се направи, и кој од клупата може да направи пресврт. 45-годишниот Зидан е тивок, и кога одговара на прашања посочува дека неговиот тим мора да страда за да успее, а тајната на успехот е во „трчање, трчање и трчање“. Неговите играчи ретко зборат за „тајните“ на Зидан.
„Кога Зидан дојде во Реал, сите играчи го почитуваа поради неговото време како фудбалер. Сега, сите го почитуваат за тоа каков тренер е. Таква страст за фудбалот ретко се гледа. Кога тој дојде, сѐ се промени. Знаеше што ни е потребно“, изјави лани Кристијано Роналдо.
Некои велат дека е лесно да се игра со тим полн со талент каков што има тимот на Реал Мадрид, но од друга страна Зидан е редок пример на човек кој ја презема целосната работа на својот клуб, наместо да има еден куп помошници и специјализирани тренери.
Токму затоа, тој е чист контраст на Клоп, човекот кој е посветен на сите детали, со кои тој сака да извлече максимум од своите играчи. Клоп има систем во кој фудбалерите имаат специфични и мерливи цели на теренот, додека Зидан се потпирана својот чист авторитет. Зидан верува на инстинктот на своите фудбалери, а Клоп го решава тоа со систем.
Сепак, доброто за гледачите (се надеваме) е што двајцата тренери им даваат слобода на игра на своите играчи. Систематизираниот хаос на Клоп против слободниот инстинктивен фудбал на Зидан.