Енцо Зидан одлучи да стави крај на фудбалската кариера на 29 години, објавија шпанските медиуми. Најстариот син на легендарниот Зинедин Зидан е без ангажман повеќе од една година, откако летото 2023 година го напушти шпанскиот третолигаш Фуенлабрада.
Планот на Енцо Зидан е да се посвети на семејството, бидејќи со сопругата Карен Гонкалвес од Венецуела има три ќерки и инвестиции во различни бизниси.
„АС“ пишува и дека Енцо повеќе не сакал да игра во шпанските нисколигаши и сфатил дека нема да направи некоја посериозна фудбалска кариера.
Синот на Зидан ја започна кариерата во академијата на Јувентус во 2004 година, пред да се пресели во академијата на Реал Мадрид, клубови каде што неговиот татко остави најголема трага.
Подоцна играл за Алавес, швајцарска Лозана, Мајадаонда и Алмерија во Шпанија, Депортиво Авес во Португалија и францускиот Роде.
Енцо беше најблиску до првиот тим на Реал кога неговиот татко Зинедин беше тренер, често тренираше со најголемите ѕвезди на „кралскиот“ тим, но успеа да забележи само еден настап.
Тоа беше на натпреварот против Леонеса во Купот на кралот, кога играше полувреме, а за 45 минути на теренот успеа да постигне гол.