Top Sport

Таткото Јово признава: Субашиќ можеше да брани за БиХ

Таткото на Даниел Субашиќ, херојот на голот на хрватската репрезентација, Јово Субашиќ во интервју за порталот „Спортспорт.ба“ вели дека неговиот син за малку можел да настапува за репрезентацијата на Босна и Херцеговина.

Околу потеклото на Субашиќ медиумите од регионот пишуваа многу, посебно бидејќи неговиот татко, 63-годишниот поранешен пекар од селото Заград во близината на Бенковац е Србин, а тука беше и „анегдотата“ околу таткото на неговата сопруга, кој на почетокот не дозволувал таа да биде во врска со Србин.

Сега, Јово Субашиќ вели дека голманот на Монако за малку би настапувал за Босна и Херцеговина бидејќи токму тој доаѓа од оваа земја.

„БиХ го сакаа Даниел, тоа е точно, а еднаш доби и повик. Каква е врската со Босна и Херцеговина? Моето потекло е од БиХ, иако не знам од кое место се точно. Но, на Даниел тоа не му беше многу атрактивно и тој сакаше да брани за Хрватска“, вели Јово Субашиќ.

Таткото Субашиќ зборува и за атмосферата по неверојатниот успех на неговиот син и на репрезентацијата на Хрватска.

„Направија чудо над чудата. Поради Даниел постојано не повикуваат пријатели од сите страни, ни честитаат. Како да не си горд! Верувам дека ќе слави и во финалето“, додава таткото.

Поранешниот селектор на олимписката репрезентација на БиХ, Шенер Бајрамовиќ го повика тогашниот голман на Задар за пријателски меч против Полска.

Scroll to Top