Top Sport

Таткото на Гигс: Срам ми е од мојот син

Таткото на Рајан Гигс, Дени Вилсон вели дека уште се срами од својот син, еден ден откако тој беше поставен како селектор на репрезентацијата на Велс.

Причината за ова е аферата која Гигс ја имаше со сопругата на неговиот брат Родри, Наташа Гигс и поради тоа што тој уште не се извинил.

„Јас би требало да бидам најгордиот татко на светот поради тоа што го оствари, но се срамам. Не можам ниту да го изговорам неговото име, го нарекувам поранешниот фудбалер“, изјави Вилсон за „Сан“.

Таткото на Гигс е поранешен рагби играч кој има пет настапи за репрезентацијата за Велс, а откако се разведе од сопругата Лин, браќата Гигс решија да го преземат името на нивната мајка.

„Кога го сменив името, кажав на светот дека сакам да бидам познат како син на мојата мајка, дека сум дел од нејзиното семејство. Подготвен сум да го оставам татко ми надвор од мојот животот, само поради мојата мајка“, изјави пред неколку години Гигс.


Вестите за Гигс и аферата со Наташа Гигс се појавија во 2011 година, кога се откри дека Гигс исто така имал афера со учесничката на реалните ТВ-шоуа, Имоген Томас. Тој плати 150.000 фунти на Томас за молкот, но тоа беше откриено во британскиот парламент од тогашниот пратеник Џон Хеминг, кој ја искористи својата моќ како пратеник да ја прекрши судската одлука.

Наташа Гигс пак, тврдеше дека абортирала со бебето на Гигс пред да се ожени со неговиот брат Родри. Гигс на крајот се разведе од својата сопруга Стејси минатиот ноември, откако не живееја заедно од 2014 година.

Таткото Вилсон вели дека Рајан не се срами од ништо.

„Како најстар тој требаше да го чува неговиот брат, а не да му забие нож. Направи прељуба на најлошиот можен начин и уште не е маж да се извини“, додава Вилсон.

Scroll to Top