Top Sport

Таткото на Озил со јасна порака: Да бев Месут, немаше веќе да играм за Германија

Таткото на Месут Озил, Мустафа вели дека да бил на местото на својот син ќе се повлечел од репрезентацијата по големиот број на критики по германскиот неуспех ова лето, кои го оставиле фудбалерот на Арсенал „извртен, разочаран и навреден“.

По неверојатното испаѓање на актуелните шампиони Германија по натпреварите на групи на СП во Русија, многумина го нападнаа директно Озил, колку за неговото „лежерно“ однесување на теренот, толку и за средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (заедно со колегата од репрезентацијата Илкај Гундоган), за што Оливер Бирхоф, портпаролот на германската репрезентација призна дека е доволна причина да не биде во составот.

Неговиот татко е разочаран.

„Да бев Месут, ќе им кажев: ’Ви благодарам, но ова е доволно’. Тој е извртен, разочаран и навреден. Да, навреден, кога сопствените фанови ќе те свиркаат, како да се чувствуваш? Не мора секогаш да се брани. Играше девет години во националниот тим и стана светски шампион. Кажав и претходно – ако победуваме, победуваме заедно, ако губиме, губиме поради Озил. Ситуацијата е апсурдна. Месут ја сака Германија и ја покажа својата постветеност цело ова време и сега треба да биде жртвено јагне“, вели Мустафа Озил во интервју за „Спорт билд“.

Мустафа Озил, кој подолго време работеше како советник на својот син, но веќе не е на таа позиција, сепак, признава дека можеби би го советувал да не се фотографира со Ердоган.

„Си помислив тогаш: ’Ова не е најдобра идеја’. Но, не си мислев дека сѐ ќе заврши вака. Тоа не беше прва фотографија на Месут со Ердоган, така што знаев дека не се работи за политичка порака. Тоа е фотографија од култура. Месут е срамежлив и не би можел да одбие фотографија со човек како Ердоган“, додава Мустафа Озил.

Scroll to Top