Откако голманот на Реал Мадрид и на белгиската репрезентација Тибо Куртоа не отпатува со своите соиграчи за мечот против Естонија, селекторот Доменико Тедеско призна дека бил шокиран што тој му кажал дека не е „респектиран“ во тимот поради тоа што капитенската лента му беше доделена на Ромелу Лукаку.
31-годишниот Куртоа играше при 1:1 ремито со Австрија на домашен терен, но бил незадоволен што Тедеско му ја дал капитенската лента на Лукаку во отсуство на повредениот капитен, Кевин де Брујне.
„Заедно одлучивме Ромелу да биде капитен против Австрија, а Тибо утре против Естонија. Тоа беше добро прифатено од сите, но по мечот со Австрија, Куртоа сакаше разговор со мене и ми кажа дека оди дома бидејќи се чувствува навреден. Јас од почетокот му ја давам почитта која ја заслужува, за мене тој е најдобриот голман на светот. Го сакам како голман и како човек. Навистина сум шокиран од ова“, вели Тедеско.
Италијанскиот тренер ја презеде репрезентацијата по заминувањето на Роберто Мартинез по слабиот настап на СП во Катар и не сака да зборува за репрезентативната иднина на Куртоа.
„Сега не е вистинско време да се зборува за тоа, бидејќи утре имаме важен меч. Следните мечеви се во септември, така што има време“, вели Тедеско.