Хрватскиот фудбалер Иван Перишиќ наводно преговара со Нови Пазар во врска со трансфер во српскиот клуб.
Како што неофицијално дознава „Телеграф“, менаџерот на фудбалерот е во напредна фаза од преговорите со Нови Пазар, каде што треба да го замени Адем Љајиќ, кој ќе ја продолжи кариерата во Сараево.
Истиот извор наведува дека Перишиќ веќе бил во Србија и дека станува збор за бизнис што вклучува повеќемилионски суми. Се додава дека работата би можела да биде завршена во наредните денови.
Перишиќ моментално е играч на ПСВ, со кого има договор до 2027 година, а зад себе има одлична сезона во Ередивизие. Претходно во текот на летото, дури беше поврзуван и со Барселона.
Дополнително, веста за неговиот трансфер во Нови Пазар звучи како фикција, но ако се случи, веројатно ќе претставува најголем трансфер во историјата на српскиот клупски фудбал. Барем кога станува збор за 21 век.
Во својата кариера, Перишиќ играл за Клуб Бриж, Борусија Дортмунд, Волфсбург, Интер, Баерн, Тотенхем, Хајдук и ПСВ.
Момчето од Сплит одигра 144 натпревари за Хрватска и постигна 36 гола.