Top Sport

Тен Хаг: Фулам треба да му се извини на Фернандеш

Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг, изјави дека Фулам треба да му се извини на Бруно Фернандеш за видеото што го објави админот на нивниот профил на „ТикТок“, на кој го исмева фудбалерот.

На снимката Фернандеш паѓа и покажува дека е повреден, што многу фанови го сметаа за симулација, а на профилот на Фулам „ТикТок“ беше објавено истото видео со опис: „Драго ни е што е добро“, што Тен Хаг го осуди.

Фулам во саботата во Манчестер го победи Јунајтед со 2:1 во натпреварот од 26. коло на Премиер лигата.

„Не знаев за ова видео. Ако навистина го направиле ова би рекол дека е погрешно. Апсолутно е погрешно. Не е во ред клубот да дава такви изјави. За ова треба да се извинат“, изјави Тен Хаг.

На натпреварот од ФА Купот во средата, стоперот на Нотингем Форест, Фелипе, го фати Фернандеш за врат, а менаџерот на Јунајтед смета дека судиите треба повеќе да го штитат во такви ситуации.

„Тој е многу страстен и креативен играч. Тој создава најмногу шанси во Премиер лигата. Може да видите како противниците го таргетираат, особено по натпреварот со Фулам во саботата, кога противниците постојано го удираа, а судиите тоа го гледаа и не реагираа. Судиите треба повеќе да го штитат“, изјави Холанѓанецот.

Тен Хаг рече дека Португалецот ќе биде подготвен да се соочи со Манчестер сити во недела.

Фернандеш оваа сезона за Јунајтед постигна седум гола и имаше осум асистенции во сите натпреварувања.

Дербито на Манчестер во 27. коло од Премиер лигата е закажано за в недела од 17.30 часот, а домаќин ќе биде актуелниот шампион Сити.

Scroll to Top