Тренерот на фудбалерите на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг изјави дека победата над Барселона е најголема откако пристигнал на „Олд Трафорд“.
Јунајтед се пласираше во осминафиналето на Лига Европа, откако во реваншот од плеј-офот на „Олд Трафорд“, ја совлада Барселона со 2:1. На првиот натпревар минатата недела на „Камп Ноу“, немаше победник (2:2).
Запрашан дали тоа е неговата најголема победа откако се приклучи на Јунајтед, Тен Хаг одговори потврдно.
„Мислам дека да, да. Имавме неколку добри победи, против Ливерпул и Арсенал на домашен терен. Мислам дека овој двомеч против Барселона, која води во шпанската лига со осум бода повеќе од Реал Мадрид, ако може нив да ги победите тогаш да, ова е мојата најголема победа“, изјави Тен Хаг за „БТ Спорт“.
Тој изјави дека е задоволен од карактерот на тимот и дека измените биле клучни за конечниот резултат.
„Фудбалот е 11 против 11, ние напаѓаме со 11 и се браниме со 11 играчи, но тоа е повеќе од тоа, тука се работи за тимот. Ви требаат различни типови и профили на играчи. Кога ќе добиете шанса, треба да бидете подготвени да го дадете својот придонес. Не можете да освојувате трофеи со 11 играчи, особено во денешниот фудбал, потребен ви е тим кој ќе внесе поинаква динамика во играта“, изјави Тен Хаг.
Напладне во Нион ќе се одржи ждрепката за осминафиналето во Лига Европа.