Тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг уште еднаш одби да ги коментира вестите дека веќе е договорено да стане нов менаџер на Манчестер јунајтед, велејќи дека е концентриран на силен крај на сезоната со холандскиот гигант.
Според повеќе англиски и холандски медиуми, Тен Хаг е пред промоција во Јунајтед и се чека само да се заврши неделното финале на холандскиот КНВБ Бекер куп против ПСВ Ајндховен во ситуација во која „копјаниците“ се и лидери во Ередивизие.
„Зошто молчам? Бидејќи му служам на Ајакс. Треба да ги освоиме преостанатите два трофеи и сакам да се фокусирам на тоа. Тивок сум за шпекулациите бидејќи се наоѓаме во дел од сезоната во кој Ајакс е најважен. Се боревме за да стигнеме во ваква позиција и треба да ја завршиме работата“, вели 52-годишниот Тен Хаг.
Капитенот на Ајакс, Душан Тадиќ вели дека се надева дека ќе го убедат Тен Хаг да остане во Амстердам.
„Се надевам дека Тен Хаг ќе остане, бидејќи е голем тренер. Еден од најдобрите на светот. Тој секогаш е свесен што е точно потребно во секој меч“, изјави Тадиќ.