Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг го коментираше настапот на Кристијано Роналдо по победата на „црвените ѓаволи“ во Лигата на Европа над Шериф.
Португалецот се врати во тимот откако холандскиот стручњак го испрати на „ладење“, поради неспортско однесување на премиерлигашкиот натпревар против Тотенхем.
Роналдо се врати на најдобар начин, беше стрелец во победата од 3:0, а вчерашниот гол на „Олд Трафорд“ му беше прв на култниот стадион по пауза од пет месеци.
„Тој никогаш не се откажува, тоа е лајт-мотив на целата негова кариера. На крајот ја доби својата награда“, изјави тренерот на Јунајтед.
Тен Хаг се осврна и на потегот на Бразилецот Ентони, кој правеше трикови во текот на натпреварот, а на социјалните мрежи беше осуден за омаловажување на противникот, додека легендарниот играч за врска на Јунајтед, Пол Сколс го нарече кловн:
„Немам проблем се додека неговите потези имаат смисла, но морам да кажам дека од него барам многу повеќе, барам повеќе втрчувања, тој мора почесто да се најде во завршницата на кациите. Во вакви натпревари очекувам поголема доминација и се додека неговите потези се функционални и не ја губи топката, задоволен сум. Но доколку тоа беше само трик, тогаш ќе морам да го опоменам“, истакна Тен Хаг.