Манчестер јунајтед е поразен и во вториот натпревар во групата А од Лигата на шампионите.
По поразот во Минхен од Баерн (4:3), тие загубија и на домашен терен од Галатасарај со 3:2, иако двапати водеа.
По катастрофалната грешка на Андре Онана, гостите добија пенал, а Јунајтед остана без Касемиро кој доби црвен картон. Икарди го промаши пеналот, но Аргентинецот неколку минути подоцна погоди за победа на Галатасарај.
Ерик тен Хаг, менаџерот на Манчестер јунајтед, по шестиот сезонски пораз во десет натпревари во сите конкуренции, вели дека само заедништвото може да го извлече тимот од кризата.
„Водевме двапати и ја контролиравме играта. А потоа имаше грешки, би рекол суштински грешки кои обично не ги правиме. Тоа не смее да се дозволи на ова ниво. Бевме казнети поради тоа. Тешко е да се контролира сè, но ние сме во ова заедно. Не се работи за грешка на поединец, туку за тимски грешки и затоа не победуваме. Ова беше непотребно, бидејќи двапати имавме водство“, вели Тен Хаг.
Онана згреши како на натпреварот против Баерн.
„Морам да разговарам со играчите, но секако и со Андре. Ќе го поддржам бидејќи е одличен голман“, вели Тен Хаг.
Не сака да признае дека се е изгубено.
„Се е отворено. Имаме уште четири натпревари, а следните два се против Копенхаген. Секој меч е тежок, но знаеме што треба да направиме. Наше е да останеме живи во групата и да ги задржиме шансите да одиме понатаму“, заклучи Тен Хаг.