Инцидент го прекина првенствениот фудбалски натпревар на првото коло од Републичката пионерска лига меѓу штипска Брегалница и скопско Шкупи, кога на фудбалското игралиште „Бело Брдо“ во Штип возрасна публика од Скопје влезе на теренот, а еден од напаѓачите со клоци удирал по двајца млади фудбалери од домашната екипа. Како што пренесува СДК.мк, инцидентот се случи во последната минута од напреварот за деца родени 2010 година, по еден прекршок меѓу младите фудбалери.
Министерството за внатрешни работи информира дека е уапсен 43-годишен родител по денешниот инцидент на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на фудбалските клубови „Шкупи“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, во кој беа повредени двајца фудбалери на возраст од 15 години на ФК „Брегалница“.
– Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош, се вели во соопштението на МВР.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Домашната управа бара од Фудбалската федерација казни за ваквите влетувања на луѓето на теренот, а од гостинската публика и да преземе мерки во иднина да не се даваат вакви лоши примери на младите фудбалери.