Легендарниот турски тренер, Фатих Терим потврди дека разговарал со комисијата за именување на нов селектор на Босна и Херцеговина, и дека наскоро ќе се знае дали ќе ја прифати понудата.
Во Босна и Херцеговина, поради Дејтонскиот договор, изборот на селектор мора да биде одобрен од Федерацијата БиХ и од Република Српска. Сеад Кајтаз и Звјездан Мисимовиќ биле во Истанбул со поранешниот фудбалер Тарик Хоџиќ, по што имале тричасовен состанок со Терим.
„Разговарав со пријателите од Босна и Херцеговина. Мило ми е што дојдоа со мојот добар пријател и поранешен соиграч, Тарик Хоџиќ. Ќе видиме што ќе се случи, нема да чекаме долго“, изјави Терим за „Хуриет“.
Покрај Терим, во игра за нов селектор на БиХ се и Амар Осим и Роберт Просинечки, а се очекува конечната одлука да се донесе до 20 декември, кога ќе има седница фудбалската федерација.
Терим е еден од најдобрите турски тренери, а со Турција во 2008 година стигна до полуфиналето на Европското првенство. Тој беше тренер и на Галатасарај, Фиорентина и Милан.
Последен ангажман на Терим му беше турското селекторско место, но во јули беше отпуштен по тепачката која ја предизвика во во еден ресторан во Алачати. 63-годишниот Терим беше „фатен“ на снимка како се тепа со сопственикот на ресторанот, инаку ривалски ресторан на неговиот зет.
Според турските медиуми во нападот кој го предводеле Терим и неговиот зет, Ахмет Баран Четин биле повредени пет луѓе. Ривалскиот ресторан бил во сопственост на Селахатин Ајдогду, поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Адана Демирспор, каде што Терим играше како фудбалер.