Во интервју за шпанскиот весник „АС“, Ерасе Стенслид, поранешниот тренер на феноменот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд зборува за неверојатната генетика на норвешката гол-машина. „АС“ оди подалеку и на насловната го претставува Халанд како „Cybergoal“.
Стенслид открива дека сегашниот Халанд, граден како од камен и со 1.93 метри височина, имал неверојатна физичка трансформација во краток период поради напорниот тренинг. Во 2006 година, Халанд го срушил светскиот рекорд за скок од место за петгодишник, по што во период од 15 месеци добил неверојатни 12 килограми мускули.
„Неговото тело реагира неверојатно добро на тренинг поради генетиката. Тој направи 12 килограми мускули за 15 месеци. Тоа беше лудо! Секогаш беше најблиску до чинијата, на која имаше ’планина’ храна“, открива Стенслид.
Неговиот поранешен соиграч од норвешкиот клуб Молде, Рубен Габриелсен вели дека откако напаѓачот се повредил, се вратил како „вистински ѕвер“.
„Кога дојде во клубот беше мало момче. Не беше толку добар, да бидеме искрени и мислев дека ќе игра во норвешките лиги. Но, потоа се разболе и се повреди и не го видовме долго време. Кога се врати беше животно, толку голем. Ги ’убиваше’ сите на тренинг“, вели Габриелсен.
Надвор од теренот, Халанд ужива во медитацијата, која веќе му предизвика мал проблем во дуелот со ПСЖ во Лигата на шампионите, кога противничките фудбалери се потсмеваа со неговата прослава на голот.
Начинот на исхрана, младиот Халад решил да го направи тоа што е испробано – да ја ископира исхраната на петкратниот освојувач на „Златната топка“, Кристијано Роналдо.
„Ерлинг се жртвуваше, замина дома на 16 години за да отиде во Молде и беше попрофесионален од мене. Сега се обидува да ги прави истите работи како Роналдо, бидејќи тој има 34 години и е на врвот. Слушна приказна од Патрис Евра за ручекот кој го имал со Кристијано и сега го копира тоа“, вели неговиот татко и поранешен фудбалер на Манчестер сити, Алф-Инге Халанд.