Top Sport

Тaвекио повеќе не е прв човек на италијанскиот фудбал

Карло Тaвекио замина од функцијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Италија. Тaвекио ја напушти функцијата кога јавноста изврши голем притисок поради неуспехот во баражот за пласман на Светското првенство во Русија.

Италија по 60 години нема да учествува на еден мундијал, а по неуспешниот бараж и елиминацијата од Шведска, јавноста како главни виновници ги посочи селекторот Џампјеро Вентура и првиот човек на Сојузот, Тaвекио.

Вентура, бидејќи имаше важечки договор до 2020 година, спогодбено го раскина и замина од функцијата минатата недела, а Тaвекио тоа го стори во понеделникот.

Овој 74-годишен спортски функционер на чело на Сојузот застана во 2014 година, а во март годинава беше реизбран на функцијата.

Пред заминувањето, Тавекио изјави дека Марчело Липи го избрал Вентура за италијански селектор и додаде дека требал да го отпушти Вентура на полувремето со Шведска.

„Дадов оставка и како политички акт побарав сите во федералниот совет да ми се приклучат, но никој не го направи тоа, така што само јас си заминувам. Стигнавме до точка од која немаше враќање. Лега про не ми дадоа поддршка, ниту олимпискиот комитет. Платив за изборот на Вентура, иако Марчело Липи го поддржуваше. Италија има четири тима во Лигата на шампионите, но јас сум виновен“, изјави огорчениот Тавекио.

Scroll to Top