Аргентинскиот фудбалер, Карлос Тевез откри неверојатен детал од неговата кариера во периодот додека го носеше дресот на Манчестер Јунајтед.
Тевез на „Олд Трафорд“ дојде на позајмица која прерасна во двегодишна соработка, период во кој Јунајтед стигна и до титулата во Лигата на шампионите. Сепак неговиот почеток на авантурата во Манчестер не бил баш идеален.
„На тренинг на Манчестер Јунајтед играчите доаѓаа со „ферари“ или „ламборџини“. Дури и најлошите фудбалери имаа „барем“ такви автомобили. Јас се појавив во „ауди“ кој клубот ни го отстапи по доаѓањето, па соиграчите поради тоа ме малтретираа како да се работи за „фиат 600“. Зборував за тоа со Руни и тој ми рече `земи го моето ламборџини`. И навистина така направив“ – раскажа Тевез за „ЕСПН“.
Сепак, Аргентинецот набргу реши да премине во градскиот ривал Манчестер Сити, но и понатаму со радост се сеќава на односот со Руни.
„Многу се поистоветував со него поради тоа од каде е, тој е од еден сиромашен крај во Ливерпул. Секогаш се бореше за топката како да му е последна акција во животот, а така играв и јас. Се гледав себе си во него“ – вели Тевез.