Top Sport

Тевез: Не го сакам фудбалот, подобро е да се гледа голф

Карлос Тевез ја привршува својата кариера во својот Бока Јуниорс по скапата (за тимот) авантура во Кина, но во последното интервју признава дека не е заљубен во фудбалот и дека подобро би гледал голф отколку на пример „Ел класико“.

За некој со толку успешна кариера е чудно што воопшто нема љубов кон фудбалот, но тој вели дека ова не е нова ситуација.

„Да играат Барселона-Реал, а на другиот канал да има некој голф, ќе гледам голф. Не гледам фудбал на телевизија. Всушност, мене не ми се допаѓа фудбалот, никогаш не ми се допаѓал, едноставно сакам да играм и да има топка во нозете“, вели Тевез во интервју за аргентинскиот весник „Кларин“.

Кариерата на Тевез се вклопува во „типичната“ јужноамериканска приказна на момче во сиромаштија, кое преку фудбалот се пробил во светот.

„Беше тешко, но бевме среќни. Секогаш игравме фудбал на улица. Бевме храбри во ситуација каква ја има во секое мало предградие – има дроги, оружје, грабежи“, вели Тевез.

Додека другите аргентински фудбалски ѕвезди зборуваат за растот на спортот, Тевез има поинаков апел.

„Трошиме време на глупости, а има деца кои гладуваат. Не сакам да носам политички знамиња, не сум на ничија страна, но ако некој побара помош ќе го направам тоа. Не кажувам дека земјата е лоша, но и да е така, тогаш зошто да не направиме нешто“, додава Тевез.

Scroll to Top