Конор Мекгрегор го доживеа вториот пораз во низа, откако прво во боксерскиот ринг беше совладан од Флојд Мејведер Јуниор, за во саботата да биде на колена против Хабиб Нурмагомедов во УФЦ октагонот.

Сепак, неговиот статус на спортска суперѕвезда не е намален, и просто е неверојатно дека за само пет години Ирецот стана милионер откако земаше 188 евра како социјална помош и работеше како помошник водоводџија.

Хаосот во рингот и надвор од него во саботата во Лас Вегас беше само уште една епизода во неверојатната животна приказна на контроверзниот Ирец со „пис-јазик“ и со прекар „Notorious“. Поразот нема да направи ништо лошо за неговите финансии, а предвидувањата се дека за пет години тој ќе биде милијардер.

Мекгрегор, кој во три години беше УФЦ шампион во две различни тежински категории, својата успешна приказна ја започна од една книга за „самопомош“ која му ја даде неговата сестра Ерин – „Тајна“ на Ронда Бирн од 2006 година, во која се вели дека позитивно мислење може да го смени животот и да донесе среќа, здравје и богатство.

„Ова е срање, реков кога првпат го видов тоа, но потоа нешто ’кликна’“, вели Мекгрегор.

Тој и неговата девојка Ди Девлин, која ракува со финансиите, почнаа да се фокусираат на малите работи кои ги сакаат, како место за паркинг поблиску до продавницата.

„Се возевме до продавницата и го имавме на ум точното место за паркирање. И го добивавме секојпат“, додава Конор.

По ова тој реши да се фокусира на УФЦ кариерата, поучен од детството на улиците, и почна да оди во вежбалната на Џон Каванах, човек кој уште му е тренер.

„Кога ќе пораснеш каде што пораснав јас, нормално е да имаш тепачки. Постојано мислев како да се бранам. Искрено, тоа ми одземаше многу време“, вели Мекгрегор.

Неговиот татко Тони еднаш кажа дека Конор се родил со „стиснати тупаници подготвен да се тепа“, но неговото семејство не беше сигурно дека од тоа може да се направи кариера. Неговиот татко Тони беше таксист, додека мајка му Маргарет работеше како претставник на компанија за шминки.

„Мајка ми и татко ми не беа сигурни за тепачките. Имав тешки моменти со мојот татко. Тој постојано ми велеше: ’Ништо не правиш со својот живот’. Ме прашуваа што ќе правам кога ќе загубам, јас им велев дека до 25 години ќе бидам милионер. Татко ми се смееше. Задоцнив, но на 26 години бев милионер“, вели Мекгрегор.

Тој го напушти училиштето на 17 години и 18 месеци работеше како помошник-водоводџија. Но, по спаринг со пријателот Том Иган, првиот Ирец во УФЦ, страста се врати. Во исто време тој ја запозна љубовта на својот живот Ди во ноќен клуб во Даблин.

„Немаше да го правам ова да не беше таа. Го правам ова само за Ди“, признава Мекгрегор.

Пет години подоцна, во 2013 година, тој го потпиша првиот УФЦ договор, а пред својот прв меч против Американецот Маркус Бримаџ, уште земаше социјална помош. Да не ги заборави овие моменти, тој минатата година купи јахта на која и даде име „188“ – сумата во евра која ја добиваше како социјална помош.