Top Sport

Тие што не го сакаат Роџерс во Јунајтед, заборавиле на својата историја и Мет Базби

Брендан Роџерс, покрај Зинедин Зидан, е фаворит на англиските обложувалници за позицијата на нов менаџер на Манчестер јунајтед, како неизбежна замена за Оле Гунар Солскјер. Додека малкумина би се спротиставиле Зидан, француската играчка и тренерска легенда да седне на жешкото столче, можноста Роџерс, актуелниот менаџер на Лестер да стане прв човек на „Олд Трафорд“ наидува на отпор кај фановите.

И тоа е нормално, бидејќи Роџерс повеќе од три години беше менаџер на лутите ривали Ливерпул, и самиот тогаш призна дека „кога си тренер на Ливерпул, се отпишуваш од можноста да седнеш на клупата на Манчестер јунајтед“.

Меѓутоа, навивачите на „ѓаволите“ треба добро да си ја проучат својата историја, бидејќи едно од најславните имиња поврзувани со Јунајтед, Сер Мет Базби, не само што беше играч на Ливерпул, туку и на другиот лут ривал, Манчестер сити.

Сер Александер Метју Базби, беше шкотски фудбалер кој од 1928 до 1945 година одигра 204 меча за Сити и 115 меча за Ливерпул, но нема да биде запишан во историјата поради тоа. Откако кариерата му беше прекината поради Втората светска војна, тој посака да стане фудбалски тренер, но во Ливерул се сомневаа во неговите квалитети и му понудија да остане како помошник тренер.

Наместо тоа, Базби се пресели 50 километри на исток на „Олд Трафорд“, каде што ја изгради славната генеранција на „Бебињата на Базби“. Осум од тие фудбалери загинаа во страшната авио-несреќа во Минхен, но Базби повторно го изгради тимот, и една деценија подоцна го освои Европскиот куп (сегашната ЛШ), со Јунајтед како прв англиски и втор британски (зад Селтик) со најголемата европска титула. Во вкупно 25 години со клубот, тој освои 13 титули – лигата беше освоена во 1952, 1956, 1957, 1965 и 1967 година, а ФА купот во 1947/48 и 1962/63.

Scroll to Top