Тимо Вернер признава дека чувствува вина за отказот кој го доби Френк Лампард, велејќи дека тој можеби уште би бил менаџер на Челси доколку постигнувал повеќе голови.
Лампард доби отказ на 25 јануари по лоша низа резултати, а Германецот Вернер, кој дојде од РБ Лајпциг во текот на летото, беше виновен за голем број на пропуштени шанси и сега вели дека чувствува одговорност за тоа што се случи.
„Кога ќе дојдеш тука да играш како напаѓач, треба да си човекот кој дава голови, секако. Се чувствувам виновен што пропуштив толку шанси. За клубот, за стариот менаџер, но и за самиот себе. Да постигнев четири-пет гола повеќе, можеби стариот менаџер ќе беше тука бидејќи ќе победевме во два-три натпревари. Сепак, гледаме напред, а не назад“, вели Вернер.
Новиот тренер, Томас Тухел ја „сврте“ ситуацијата на „Стемфорд бриџ“ со шест победи во првите осум меча како тренер, а Вернер е постојан во стартните 11, за на 15 февруари да го прекине постот од 14 меча без гол при 2:0 победата над Њукасл.