Top Sport

Томаси: Претседателите на италијанските клубови се како свирачите на „Титаник“

Претседателот на италијанскиот фудбалски синдикат, Дамјано Томаси ги обвини претседателите на клубовите во Серија А дека се однесуваат како свирачите на „Титаник“ кои продолжуваат да свират додека бродот тоне.

И покрај оптимистичките најави дека италијанскиот шампионат ќе продолжи на крајот на мај, Томаси открива дека уште постои опцијата за откажување на сезоната 2019/20.

„Има безброј фудбалери, кои почитувајќи ги правилата, имаат договори со други клубови од 1 јули. На 30 јуни, клубовите мора да ги претстават своите буџети и тоа претставува проблем. Почетокот на следната сезона не смее да биде поместен многу далеку, а уште е тука опцијата за откажување на сезоната. Школите се затворени, така што зошто да не биде затворен и фудбалот. Сите сме на истиот брод, со иста несигурност, но некои претседатели на клубови се како музичарите на ’Титаник’, кои свират додека бродот тоне. Ако не сфатат дека ситуацијата е сериозна, ќе потонеме“, вели Томаси.

Scroll to Top