Top Sport

Бербатов: Доста го критикувате Погба за сè и сешто!

Пол Погба добива голем број на нефер критики во Манчестер јунајтед, вели поранешниот фудбалер на „ѓаволите“ Димитар Бербатов, кој вели дека Французинот треба да ги одбие Реал Мадрид и Јувентус и да остане да се докаже на „Олд Трафорд“.

Иако дел од коментаторите тврдеа дека на Оле Гунар Солскјер веќе не му е потребен Погба по доаѓањето на Бруно Фернандеш, Бербатов сака да ја види двојката во игра заедно.

„Повторно, има премногу коментари околу Пол Погба и неговата иднина. Тој не играше долго време и сите се прашуваат дали сака воопшто да игра за Јунајтед, и дали ќе може да игра покрај Бруно Фернандеш. Набргу ќе го дознаеме одговорот, но јас би сакал тој да остане во клубот и да игра покрај Фернандеш. Секогаш има тим заинтересиран за Погба, така што критиките се нефер и доаѓаат без разлика на тоа што ќе направи тој. Мислам дека Пол сака да се докаже во тимот каде што тренираше како момче и не верувам во критиките за неговата работна етика. Би сакал да го видам во добра физичка форма“, вели Бербатов.

Тој го посочува примерот со Ромелу Лукаку и неговото заминување и „препородување“ во Интер.

„Видете го Ромелу Лукаку. Не му одеше во Јунајтед, а сега е препороден во Интер. Како го објаснувате тоа? Понекогаш не се чувствуваш удобно на едно место и сметаш дека критиките се преголеми. Потоа одиш во друг клуб и даваш 23 гола“, додава бугарскиот фудбалер.

Scroll to Top