Top Sport

Тонали го вовел Фаџоли во светот на нелегалните онлајн платформи

Новите детали од истрагата за обложување на нелегални онлајн платформи велат дека играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали (23), додека се уште бил во Милан, му дал на играчот од средниот ред на Јувентус, Николо Фаџоли (22), апликација која го овозможува тоа. Со скенирање на мобилниот телефон на Фаџоли констатирано е постоење на споменатата апликација.

За потсетување, Фаџоли уште во август во клубот пријавил дека е зависник од коцкање (за осум месеци изгубил милион евра!), а подоцна во разговор со државниот обвинител во Торино го признал делото и открил дека тоа му го преложил Тонали.

Истиот ден кога на распит заврши Тонали, во полициска станица беше приведен и уште еден италијански репрезентативец, Николо Заниоло (24).

Во меѓувреме, Фаџоли поднесе барање за рехабилитација поради зависност од коцкање, додека Тонали и Заниоло го напуштија спортскиот центар на Италија во Коверчано пред мечот со Малта по сослушувањето со обвинителот, но им беше дозволено да се вратат во своите клубови во Англија во очекување на продолжението на истрагата.

Сите тројца се соочуваат со тригодишна суспензија и парична казна од 25.000 евра, бидејќи според член 24 од Кодексот за спортско однесување, на професионалните фудбалери им е забрането да се обложуваат на кој било начин.

Набрзо и Тонали ја призна вината, а според некои информации тоа признание може да им ја преполови суспензијата, но само доколку се покаже дека не се обложувал на натпреварите на својот клуб. Обвинителите во моментов ги чекаат резултатите од вештачењето на мобилниот телефон и таблетот на Тонали, како и изводите од банка и кредитните картички.

Од друга страна, Заниоло, поранешен фудбалер на Рома, не отстрапува од изјавата дека не се обложувал, туку играл покер и блек џек, па доколку се истрагата го покаже тоа тој би избегнал санкции.

Четвртоосомничениот, бекот на Рома и полски репрезентативец Никола Залевски, кој наводно се обложил дека ќе добие добил жолт картон на првенствен натпревар (а го добил во 90+4), во меѓувреме ангажирал адвокати да го тужат папарацото Фабрицио Корона.

Токму Корона ја откри целтата афера, тој е првиот кој јавно зборуваше за зависноста од коцкањето на Тонали и Заниоло.

Инаку, Корона најави дека вечерва, по мечот на Италија на Вембли, на РАИ 3 во популарното шоу „Аванти пополо“ ќе ги открие уште десетина имиња, меѓу кои, како што тврди, има и некои клупски претседатели и функционери, а не само фудбалери.

И конечно, на мета на обвинителството се најде и поранешниот капитен на Јувентус, Леонардо Бонучи, кој летово се пресели во Унион Берлин. Бонучи знаел за зависноста на Фаџоли и не пријавил, иако е должен да го стори тоа. Тој се соочува со суспензија од шест месеци.

Foto/ EPA

Scroll to Top