Уругвајскиот репрезентативец Лукас Тореира кариерата ќе ја продолжи во Атлетико Мадрид. Тореира се решил на ваков чекор откако менаџерот на Арсенал Микел Артета му соопштил дека нема да смета на него во новата сезона.
Тореира е во Мадрид каде кога ќе ги помине лекарските прегледи ќе потпише договор со „јорганџиите“. Фудбалерот од редот за врска според медиумите најдоцна до утре треба да ја официјализира соработката со Атлетико.
Клубовите се договориле Тореира оваа сезона да игра како позајмен играч, а по завршувањето на сезоната Атлетико нема да има обврска да го откупи неговиот договор.
За да се случи тоа Атлетико треба да се ослободи од Ектор Ерера или Тома Лемар.
Тореира ќе ја зголеми уругвајската колонија на „Ванда Метрополтано“, во Атлетико веќе играат Хосе Марија Хименез и Луис Суарез, а до крајот на преодниот рок би можел да им се приклучи и Единсон Кавани.
Арсенал за сума од 28.000.000 евра го донесоа Тореира во 2018 година од Сампдорија. Тој одиграл 89 натпревари за „топџиите“, постигнал четири гола и забележал шест асистенции.