Торино имаше одличен старт со новиот тренер Валтер Мацари, победувајќи ја Болоња со 3:0 во меч во кој Салваторе Сиригу одбрани пенал.
Поранешниот тренер на Наполи, Сампдорија и Ватфорд имаше само 48 часа да се подготви за мечот, така што не ја смени 4-3-3 формацијата на неговиот претходник, српскиот стручњак, Синиша Михајловиќ.
„Торо“ доминираше од стартот до финишот, а успеа да го „скрши“ отпорот на гостите преку голот на Лоренцо де Силверстри со глава. Болоња имаше шанса да израмни, откако судијата прво му додели жолт картон на Симоне Верди за симулација, за по консултација со ВАР да покаже на белата точка. Ударот на Ерик Пулгар, Сиригу одлично го одбрани.
М’Баје Нианг набргу го удвои водството на Торино, пред Јаго Фалке да постигне одличен гол за убедлив триумф.