Top Sport

Тошевски: За мене Пандев и Елмас се репер

Младинскиот репрезентативец, Давид Тошевски го направи најголемиот трансфер во македонскиот фудбал ова лето, откако замина од Работнички во рускиот Ростов, а сега во интервју за „Репортер“ вели дека и покрај понудите од клубови како Лил, Црвена звезда и Интер, тренерот на рускиот клуб го убедил да премине во Русија.

„Понудата да играм во Русија стигна на имејл. Пишуваше дека ја следеле мојата игра. Потоа неколкупати се слушнав со тренерот Валериј Карпин, легенда на рускиот фудбал, и тој ме убеди дека треба да се преселам во Ростов. Кога човек како него ќе те побара да играш во неговиот клуб, тоа не се одбива“, вели напаѓачот.

Тошевски е уште еден фудбалер од академијата на Работнички, настапувајќи во сите младински селекции, пред оваа сезона да одигра 21 натпревар за клубот за кој имаше 5 гола и 3 асистенции. И во Ростов, тој ја добива честа за да го носи бројот 9.

„Отсекогаш сакав да бидам фудбалер. Почнав да играм на 6 години во Работнички затоа што мој другар играше таму. И првиот професионален договор го потпишав со овој клуб на 17 години. Во меѓувреме, играв за сите младински селекции на Македонија, а сега сум дел од репрезентацијата до 19 години

Иако е на почетокот, не крие дека се гордее со себе и на тоа што го постигнал досега, особено што ги надмина и Пандев и Елмас со сумата што ја доби за трансфер од Македонија во странство.

„Убаво е чувството да влезеш во историјата на мак-фудбалот со ваков трансфер. Горан и Елиф ми се репер за тоа како треба да се развива еден фудбалер во кариерата. Се надевам дека ќе одам по нивните стапки, дека ќе го достигнам врвот во фудбалот и еден ден ќе ја освојам Лигата на шампионите“, додава Давид.

А.Јовановска

Фото: ФК Ростов/ФК Работнички

Scroll to Top