Top Sport

Тотенхем го пронајде наследникот на Мурињо

По отказот на Жозе Мурињо од менаџерската позиција во Тотенхем, англискиот премиерлигаш го контактирал италијанскиот стратег Маурицио Сари (62) нудејќи му ја спомената позиција од следната сезона.

„Петлите“ за ваквата понуда разговарале со менаџерот на Сари, Фали Рамадани, пишуваат италијанските медиуми.
До крајот на сезонава Спарси ќе ги води поранешниот играч од средниот ред, Рајан Мејсон.

Сари во јуни 2019 година потпиша тригодишен договор со Јувентус. Иако ја освои титулата во Серија А, поради испаѓањето во осминафиналето од ЛШ, од екипата на Лион, доби отказ во август минатата година.

Сепак, неговиот договор со „Старата дама“ е до јуни 2022, а клубот од Торино ќе мора да му даде плата од 6 милиони евра ако дотогаш не пронајде нова работа.

Италијанските медиуми пишуваат дека Сари со нетрпение чека да и се врати на тренерската работа. Неговото искуство во англискиот фудбал е 1 сезона – седеше на кормилото на Челси во сезоната 2018/2019 и со „сините“ ја освои титулата во Лига Европа.

Scroll to Top