Тотенхем нема да го добијат Кшиштоф Пјонтек на позајмица од Милан како замена за Хери Кејн, откако италијанскиот клуб бара стриктно продажба за 30 милиони евра.
Полјакот пристигна на „Сан Сиро“ по спектакуларна половина сезона во Џенова за 35 милиони евра, но во новата сезона не успеа да ги оствари очекувањата и „росонерите“ се подготвени да го пуштат да замине, посебно по доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ и 4-4-2 тактиката на Стефано Пиоли со Рафаел Леао и Анте Ребиќ како добро партнерство.
Според експертот на „Скај спорт Италија“, Џанлука ди Марцио, Тотенхем сметаат дека Пјонтек е совршениот напаѓач за нив, но не се подготвени во јануари да дадат 30 милиони евра. Тимот на Жозе Мурињо бара договор за позајмица на шест месеци со опција за купување, нешто што Милан нема да го прифати.