Франческо Тоти смета дека Лионел Меси е најдобриот фудбалер на светот и покрај тоа што Кристијано Роналдо се израмни со него со пет „Златни топки“ оваа година.
По победите на Реал Мадрид во Ла лига и Лигата на шампионите, Роналдо ја доби индивидуалната награда, иако Меси имаше исто толку импресивна сезона. Аргентинецот ги инспирираше Барса до 3:0 победа на „Сантијаго Бернабеу“ во саботата, додека Роналдо немаше добар натпревар.
Тоти, кој беше легенда во Рома пред да се пензионира на крајот на минатата сезона, во својата кариера виде сè, од легендите како Роналдињо и Роналдо, до „новата генерација“ на моќни тимови како Пари Сен-Жермен и Манчестер сити.
„Искрено, повеќе ми се допаѓаше фудбалот од минатото. Денеска е едноставно лудо. Фудбалот целосно се трансформираше од моето време до денешницата. Порано имаше поромантичен фудбал, сега е бизнис. Има играчи како Роналдо и Нејмар, но токму Нејмар е пример за лудоста – да се плати 250 милиони евра за играч. Тоа е нереално. И покрај тоа, Меси е број 1, само не му кажувајте на Кристијано“, вели Тоти.