Top Sport

Тоти признава дека сега би се вратил во Рома

Легендарниот поранешен капитен на Рома, Франческо Тоти вели дека е подготвен да се врати во клубот, и побара фановите да му дадат време на Жозе Мурињо за да ги покаже своите квалитети како тренер.

Тоти стана глобален амбасадор на брендот „Дитигалбитс“, главниот спонзор на Рома, и зборуваше за тоа какви врски има со клубот, од каде според многумина неславно си замина. Покрај тоа, тој се врати на „Олимпико“ првпат по две години за мечот Рома-Интер, кој заврши со убедлива победа на гостите од 0:3

„Рома нема ништо со овој договор, но со него ќе имам повеќе време да зборувам со газдите, семејството Фридкин. Зборував со нив пред мечот, и беше посебно за мене, бидејќи две години не сум бил на стадион. Кога ја гледам Рома се чувствувам како дома и се надевам дека ќе се вратам бргу. Секогаш има емоции со Рома. Како навивач, не поминуваме низ најдобриот период, но ако не страдаш, тога не си вистински навивач на Рома. Сигурен сум дека клубот и Мурињо ќе донесат задоволство за нашите навивачи. Да им дадеме време. За трофеи потребни ти се силни играчи, клуб кој е зад нив и тренер кој ќе ги направи такви. Не сакам да покажам непочитување кон сегашниот состав, но не гледам шампиони, туку само добри играчи“, вели Тоти.

Тоти беше директор на Рома од 2018 до 2019 година, кога газда беше Џејмс Палота, пред да си даде оставка во јуни 2019 бидејќи не му биле давани одговорности и порача дека во клубот има „луѓе кои не сакаат добро на Рома“.

Scroll to Top