Голема трагедија го погоди семејството на поранешниот играч на Арсенал, кој сега го носи дресот на Бристол сити, Беник Афобе. Во текот на вчерашниот ден починала неговата две годишна ќерка.
„Амора ја однесовме во болница, имаше сериозна инфекција. За жал работите се искомпликуваа. Лекарите сторија се што е во нивна моќ, но за жал таа почина. Амора почина опкружена со љубовта на семејството. Скршени сме и уништени. Ве молиме да ја почитувате нашата приватност во овие тешки моменти“, ја пренесува изјавата на фудбалерот Би-би-си.
Сочуство до семејството на Афобе испратиле од неговиот клуб Бристол сити.
„Нашите мисли и молитви се со Беник и неговата сопруга Луиз…Не можеме ниту да замислиме како се чувствуваат. Ќе сториме се за да ги поддржиме“, се наведува во објавата на „Твитер“.
Афобе има 26 години, тој е репрезентативец на ДР Конго. Во кариерата бил играч на Арсенал, Рединг, Болтон, Милвол, Шефилд Венздеј, МК Донес. Вулверхемптон, Борнмут и Стоук.